Поранешниот германски канцелар станува член на надзорниот одбор на руски Газпром

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер е номиниран за член на надзорниот одбор на рускиот гасен гигант Газпром, соопшти компанијата.

Шредер, кој ја водеше Германија од 1998 до 2005 година, е социјалдемократ и пријател на рускиот претседател Владимир Путин. Неговите врски со Русија често се извор на контроверзии, дури и во неговата сопствена партија, која ја предводи новата коалициска влада.

Неговото назначување во надзорниот одбор на Газпром ќе биде потврдено на генералниот состанок на 30-ти јуни. Шредер ќе го замени Тимур Кулибаев, зет на поранешниот казахстански претседател Нурсултан Назарбаев.

Шредер (77) веќе има неколку високи позиции во руски компании. Тој е претседател на Надзорниот одбор на државната енергетска компанија „Роснефт“, претседател на Одборот на акционери на „Северен тек АГ“ и претседател на Одборот на директори на „Северен тек 2 АГ“.