Соларна бура „уби“ 40 од неодамна лансираните 49 Starlink сателити

193

SpaceX продолжува да лансира пакет по пакет на своите сателити за пристап до Интернет. Така, соѕвездието Starlink добива неколку десетици нови сателити на секои неколку недели, од кои моментално има повеќе од две илјади во орбитата околу Земјата. Но, не се одвива сè мазно и без проблеми, а случајот оваа недела покажува колку е непредвидлив бизнисот со сателитите.

Имено, последната пратка од 49 Starlink сателити беше лансирана минатиот четврток, на 3 февруари, од вселенската база Кенеди на Флорида. Ракетата Falcon 9 успешно ги испрати во орбитата висока околу 210 километри и се врати на Земјата. Сателитите обично го започнуваат своето патување во пониските орбити, каде поминуваат низ тестови – во случај да поминат, орбитата се крева подоцна, а оние што не го поминале тестот за квалитет многу брзо се деорбираат и согоруваат во атмосферата.

Сега, помалку од една недела по лансирањето, од SpaceX е објавено дека дури 40 од 49-те наведени нови сателити се нефункционални. Соларната геомагнетна бура им пресудила, која се случила само еден ден по лансирањето. Ваквите бури, велат од SpaceX, ја загреваат атмосферата и ја зголемуваат нејзината густина на висината на која биле овие сателити во тоа време. Податоците од нив покажаа дека отпорот на атмосферата во оваа прилика бил за околу 50% поголем од претходните лансирања, што значително влијаело на сателитите.

Контролата на мисијата веднаш ги ставила во „безбеден режим“ и им ја сменила ориентацијата така што странично поминуваат низ атмосферата, за што повеќе да се намали отпорот. Но, прекумерната густина на атмосферата во ниската орбита ги спречило сателитите да се вратат од овој режим и да започнат со маневри за подигање.

Следствено, овие 40 сателити ќе мора многу брзо да бидат деорбитирани. Од SpaceX наведуваат дека овој процес нема да ги загрози другите сателити во орбитата, нема да произведе дополнителни орбитални остатоци, ниту пак некој дел од нив ќе падне на Земјата.