Германскиот автомобилски пазар се очекува да закрепне оваа година, проценува во средата Здружението на автомобилската индустрија (VDA), кое очекува околу 2,8 милиони регистрирани нови автомобили.
Тоа би значело околу седум отсто повеќе нови автомобили на патиштата отколку во 2021 година, рече претседателката на здружението Хилдегард Милер.
Во текот на минатата година се регистрирани 2,62 милиони.
Продажбата на патнички автомобили беше значително намалена поради доцнењето на синџирите за снабдување, особено на полупроводниците.
Милер рече дека проблемите веројатно ќе продолжат оваа година.
Германската автомобилска индустрија сè уште е далеку зад нивото пред пандемијата, според владините податоци кои покажуваат дека во 2019 година биле регистрирани 3,6 милиони нови автомобили.
Во средата, Милер повика и на забрзан развој на европското производство на полупроводници и батерии.
„Доколку Германија сака во иднина да ја задржи водечката позиција на светскиот пазар, мора веднаш да започне со изградба на полупроводнички постројки“, рече Милер.
„Првичните планови за проширување на производството на батерии во Германија и Европа веќе постојат и важно е да се спроведат на краток рок за да може автомобилската индустрија во Европа да продолжи да создава нова вредност“, рече таа.