Франција ќе изгради уште најмалку шест нуклеарни централи

Франција ќе изгради најмалку шест нови нуклеарни реактори во наредните децении, изјави  францускиот претседател Емануел Макрон ставајќи ја нуклеарната енергија во првите редови на аспирациите на неговата земја да постигне јаглеродна неутралност до 2050 година.

Макрон рече дека новите електрани ќе бидат изградени и управувани од доставувачот на енергија ЕДФ, кој е под контрола од државата и дека десетици милијарди евра од јавниот сектор ќе бидат мобилизирани за финансирање на тие проекти, објави „Ројтерс“.

„Она што ѝ треба на нашата земја, а услови за тоа постојат, е повторното раѓање на француската нуклеарна индустрија“, посочи Макрон.

Ветувајќи дека ќе ги забрза користењето на сончевата енергија и енергијата на ветрот покрај морето, Макрон исто така рече дека сака да го продолжи векот на најстарите нуклеарни електрани во земјата на повеќе од 50 години за одредени реактори, под услов тие да се безбедни.

ЕДФ проценува дека изградбата на шест нови реактори ќе изнесува околу 50 милијарди евра, во зависност од условите за финансирање.