Coca-Cola и Pepsi предупредуваат на повисоки трошоци, можно е поскапување

Американските прехранбени гиганти Coca-Cola и PepsiCo предупредија дека скокот на трошоците за работна сила и суровините ќе го притисне нивниот профит оваа година, по силниот раст на крајот на 2021 година, благодарение на постепеното олеснување на корона-ограничувањата.

Влезните трошоци, од алуминиумски конзерви до работна сила и испорака, се зголемија поради прекините во глобалните синџири на снабдување поради пандемијата, принудувајќи ги компаниите во прехранбената индустрија да ги зголемат цените на своите производи.

Главниот финансиски директор на PepsiCo, Хју Џонстон, изјави за Ројтерс дека компанијата би можела дополнително да ги зголеми цените во текот на годината доколку трошоците се зголемат повеќе од очекуваното, и не ја исклучува можноста за недостиг на суровини.

„Во основа го контролираме нашиот синџир на снабдување сè до полицата. Тоа не става во релативно подобра позиција, но не би рекол дека нема да биде предизвик. Ние не сме имуни на тоа“, рече Џонстон.

Слично размислува и Coca-Cola.

„Дали е веројатно оваа година да биде совршена? Не, но ние правиме се што е во наша моќ за да ја оптимизираме нашата целосна достапност“, рече извршниот директор на Coca-Cola, Џејмс Квинси во интервју со аналитичар.

Резултатите на крајот на минатата година беа поттикнати од олеснување на контролните мерки во борбата против Ковид-19.

Нето приходите на PepsiCo се зголемија за 12,4 отсто во последните три месеци од минатата година, на 25,25 милијарди долари. Прилагодените приходи на Coca-Cola се зголемија за 10,1 отсто, на 9,47 милијарди долари.

Нето добивката на Coca-Cola скокна за 66 отсто во четвртиот квартал на 2,41 милијарди долари. Нето добивката на PepsiCo пак се зголеми за седум отсто на 7,6 милијарди долари.