Цените на нафтата пораснаа на светските берзи минатата недела, осми пат по ред, како резултат на тензиите меѓу САД и Русија околу Украина и проценките за зголемената побарувачка оваа година на рекордно ниво.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 1,25 отсто, на 94,44 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 0,85 отсто на 93,10 долари.
Новите високи цени на нафтата од крајот на 2014 година во голема мера се резултат на скокот на цените од 3 отсто во петокот, откако Белата куќа соопшти дека Русија сега има доволно војници за да спроведе голема воена операција врз Украина за напад било кој ден,а сите Американци треба да ја напуштат Украина во рок од 24 до 48 часа.
Ова предизвика страв кај трговците од прекини во снабдувањето со енергија на Европа од Русија. „Сите сакаат да обезбедат доволно нафта… ако има инвазија и знаете дека доаѓаат санкции против Русија, што може да резултира со прекини во снабдувањето со гас и нафта“, рече во петокот Ендрју Липоу, претседател на Lipow Oil Associates.











