Tesla ќе се обврзе да купи автомобилски делови за најмалку 500 милиони долари од Индија, само за да биде разгледано барањето на производителот на електрични автомобили да го намали данокот за увоз на неговите возила, објави „Блумберг“, цитирајќи свои извори.
Иако може да започне со помалку, Tesla ќе мора постепено, но сигурно да ги зголемува купувањата на делови од Индија за околу 10% – 15% годишно додека не достигне одредено ниво. Канцеларијата на премиерот Нарендра Моди официјално и даде дозвола на Tesla да ги зголеми домашните залихи. Во август, компанијата објави дека нарачала автомобилски делови од Индија за околу 100 милиони долари.
На пазарот на автомобили во Индија доминираат поевтини бензински автомобили, а чистиот транспорт е во втор план, додека електричните автомобили учествуваат со само 1% од годишната продажба на автомобили.
Според истите извори, Tesla наскоро треба да претстави план за снабдување со компоненти на индиската влада што е пропорционален на нејзината прогноза за продажба на електрични возила во Индија. Покрај тоа, Tesla мора да извезува компоненти во Кина произведени во Индија, доколку планира да увезува автомобили од таму.
Пред неколку месеци, извршниот директор на компанијата, Елон Маск, се пожали на Twitter дека индискиот данок за увоз на електрични автомобили е еден од највисоките во светот и дека за електричните автомобили наплатата е исто како и за автомобилите на бензин, што не е во согласност со целта да се постигне јаглеродна неутралност, рече тој.
Претходно овој месец, Индија ги отфрли повиците на Tesla за пониски даноци за увоз на електрични возила, тврдејќи дека правилата сега дозволуваат делумно изградени возила да се увезуваат, а потоа да се склопуваат во локалните фабрики, што би излегло поевтино.
Додека Tesla е во ќорсокак, некои индиски држави му се „додворуваат“ на производителот на автомобили, ветувајќи поедноставен процес на одобрување. Најмалку пет држави и понудија на компанијата за електрични автомобили да изгради фабрика во нивните провинции.