Компанија во Србија воведува работна недела од четири дена

Во време кога Белгија сериозно се подготвува за воведување на четиридневна работна недела, Србија официјално ја доби првата компанија која работи четири дена во неделата.
По пробниот период кој траеше цели пет месеци, компанијата ManpowerGroup, која работи и во Србија, вчера официјално објави дека во иднина вработените ќе работат четири дена во неделата. Петтиот ден ќе има смени, каде вработените ќе се менуваат, пишува Блиц.

Резултатите во тест периодот покажаа дека продуктивноста на вработените е зголемена, при што беше истакнато дека според овој принцип на работа платата на вработените ќе остане иста.

Работниците во Белгија наскоро ќе можат да изберат четиридневна работна недела како дел од серијата реформи на пазарот на трудот. Реформскиот пакет договорен од повеќепартиската коалициска влада во земјата, исто така, ќе им даде право на работниците да ја исклучуваат работната опрема и да ги игнорираат пораките поврзани со работата по работното време без страв од одмазда.

Во меѓувреме, неколку компании ја тестираа оваа можност. Резултатите покажале дека вработените станале попродуктивни бидејќи поминувале помалку време на социјалните мрежи и со неработни активности. Еден вработен од Нов Зеланд рече дека престанал да ги гледа пораките што му ги праќала неговата сопруга бидејќи бил многу фокусиран на работата. Многу компании си го поставија прашањето: “Зошто да не платите за резултатите од работата, наместо за деновите поминати во канцеларија?“

Мајкрософт исто така тестираше работа четири дена во неделата, а резултатите беа изненадувачки – продуктивноста на работниците се зголеми за 40 проценти. Многу други компании покажаа речиси идентични резултати, како и домашните искуства кои датираат од пред неколку децении.