Балтичките земји склучија договор за исклучување од руската мрежа за снабдување со електрична енергија и за синхронизација со европската мрежа пред 2025 година, изјави секретарот на Министерството за економија Илзе Индриксон на состанокот на парламентарната Комисија за јавни расходи и ревизија, пренесува латвиски „LSM“.
Како што соопшти, Летонија се договорила со Естонија и Литванија проектот за синхронизација со европската мрежа да не се одложува до 2025 година, бидејќи тоа може да се направи порано.
„Министерот за економија Јанис Витенбергс се обрати до Европа за поддршка за да може побрзо да се спроведат овие одлуки“, рече Индриксон.
Таа напомена дека предвременото исклучување ќе бара дополнителни финансиски средства, но дека веќе ќе обезбеди многу поголема сигурност во снабдувањето со електрична енергија.
Балтичките земји, Полска и Европската комисија потпишаа политички договор во Брисел во 2018 година за синхронизација на електричните мрежи на трите балтички земји со оние во континентална Европа.
Се очекува дека до 2025 година балтичките земји ќе мора конечно да го напуштат енергетскиот прстен BRELL (Белорусија, Русија, Естонија, Латвија, Литванија) и да се поврзат со енергетскиот систем на континентална Европа, што ќе им овозможи да постигнат „енергетска независност од Русија“, пренесе порталот РИА Новости.











