Волстрит падна, инфлацијата во САД највисока во последните 40 години

На Волстрит во четвртокот цените на акциите паднаа бидејќи инфлацијата во САД достигна нови највисоки нивоа во последните 40 години, па инвеститорите стравуваат дека американската централна банка ќе мора да ја заостри монетарната политика поагресивно од очекуваното.

Dow Jones ослабна за 112 поени, или 0,34 отсто, на 33.174 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,43 отсто на 4.259 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,95 отсто, на 13.129 поени.

По силниот раст од претходниот ден, вчера индексите повторно беа во негативна траекторија бидејќи инвеститорите се загрижени за високата инфлација, откако беше објавено дека во февруари стапката на раст на потрошувачките цени достигна 7,9 отсто на годишно ниво, ново највисоко ниво во последните 40 години.

Ова, сепак, е во согласност со очекувањата на аналитичарите, но инвеститорите стравуваат дека остриот пораст на цените на нафтата и суровините од почетокот на војната во Украина пред две недели дополнително ќе ја поддржи зголемената инфлација.

А тоа би ја принудило американската централна банка да ја заостри монетарната политика поагресивно од очекуваното.