Италијанската модна куќа Loro Piana беше повикана „јавно да го осуди“ Владимир Путин откако тој облече една од нејзините јакни на провоен митинг.
Рускиот претседател се појави во облека за 1,5 милиони рубљи (скоро 13.000 евра) – повеќе од двапати од просечната годишна плата во Русија – зборувајќи пред илјадници гледачи на стадионот Лужники во Москва минатата недела.
Речиси 1.300 луѓе потпишаа петиција со која бараат од луксузниот бренд да го осуди рускиот претседател, пишува „Дејли мејл“.
Под синото палто, Путин носел и џемпер од 2.900 евра од италијанскиот бренд Kiton. Се верува дека тој е обожавател на Brioni, италијанската луксузна машка модна куќа позната по облеката за Џејмс Бонд и производителот на чевли John Lobb од Лондон.
Одлуката на Путин да ја носи дизајнерската облека на митингот веднаш предизвика бес на Twitter.
Преведувачката Јана Морозова пишува: „Додека Русите се борат за храна во продавниците, Путин се обрати до 90.000 луѓе облечен во јакна „Loro Piana“ за 1,5 милиони рубљи“.
The anti-western Putin prefers to wear a €12,700 Loro Piana jacket. pic.twitter.com/ago8KO1DyA
— Clash Report (@clashreport) March 18, 2022
Олга Лаутман, руска аналитичарка и презентерка на подкаст, додаде: „Путин врши геноцид додека носи италијанско палто „Loro Piana“, кое чини повеќе од годишната плата на повеќето Руси“.
Просечната годишна плата во Русија е околу 5.700 евра.
Карине Орлова, дописник на Московското радио, која ја започна петицијата, рече дека угледот на „Loro Piana“ може „засекогаш да биде засенет“.
Пјер Луиџи Лоро Пијана, потпретседател на брендот, изјави за италијански весник дека носењето на јакната од страна на Путин „создава некаков срам од човечка гледна точка“. Тој додаде: „Јасно е на која страна сме… Украинците ќе ја имаат сета наша морална и практична поддршка“.
„Loro Piana“, дел од луксузниот гигант LVMH, ги затвори своите продавници во Москва и Санкт Петербург како одговор на руската инвазија на Украина на почетокот на овој месец.