Граѓаните и натаму ги користат придобивките и удобноста коишто ги нудат дигиталните канали на плаќањата

108

Дигиталната револуција во плаќањата, којашто како тренд започна поодамна кај нас, а се засили во периодот на пандемијата на ковид-19, несомнено ги менува платежните навики и влијае врз културата на плаќањата. Имено, граѓаните, и во последниот квартал од 2021 година ги користеа придобивките и удобноста коишто ги нудат дигиталните канали на плаќањата, како и воспоставената инфраструктура за извршување на плаќањата.

Со 2,1 милион платежни картички коишто биле во циркулација на крајот од 2021 година, од коишто 68% независно од брендот и функцијата, се картички засновани на бесконтактна технологија, граѓаните во земјата можеле на удобен и сигурен начин да ги извршуваат плаќањата на солидна инфраструктура составена од 30.061 уред на физичките места на продажба во земјата, од кои дури 84% ја поддржувале бесконтактната технологија. Притоа, бројот на картички заснован на бесконтактна технологија забележа годишен раст од 10%, при истовремен годишен раст од 7% и на уредите на физичките места на продажба коишто ја поддржуваат бесконтакната технологија.

Плаќањата на граѓаните со платежните картички во трговијата во земјата во четвртиот квартал од 2021 година забележаа висок годишен раст од 25% кај бројот и 21% кај вредноста на остварените трансакции. Истовремено, висок годишен раст на бројот и на вредноста на трансакциите од 21% и 33%, соодветно, е забележан и кај плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери (т.н. платни налози). Иако граѓаните сѐ уште ги иницираат плаќањата со кредитни трансфери претежно на шалтерите на банките (69%), постепената промена на навиките со користење на придобивките од електронското банкарство е видлива и во последниот квартал од годината со висок годишен раст од 10% кај бројот и 23% кај вредноста на плаќањата иницирани електронски. За извршување на електронските плаќања, висок годишен раст од 26% се забележува кај употребата на мобилните апликации од страна на граѓаните, што повторно укажува на натамошно менување на платежните навики во прилог на користењето на поудобните дигитални канали за плаќање. 

Менувањето на навиките на граѓаните придонесе за висок годишен раст од 25% на нивните плаќања со платежни картички во трговијата, како и на кредитните трансфери иницирани по електронски пат, во текот на целата 2021 година.

Во прекуграничен контекст на извршување на плаќањата со платежни картички, во текот на 2021 година со употреба на платежни картички издадени во земјата на уредите лоцирани во странство се остварени 8,8 милиони трансакции, што претставува висок годишен раст од 56% во значителен дел како резултат на олеснетите мерки за прекугранично движење на граѓаните во услови на пандемија. Најголем дел од овие трансакции се направени во земјите од регионот ‒ Србија и Грција. Во однос на интернет-трговијата, најголемиот број трансакции на виртуелните места на продажба се извршени во Луксембург и САД. Со странските платежни картички во текот на 2021 година се остварени 8,1 милион трансакции во нашата земја, што како резултат на олеснување на мерките за влез во државата бележи висок годишен раст од 83%. Најголемиот број од трансакциите на уреди на физичките и виртуелните места на продажба се остварени со картичките издадени од САД и Обединетото Кралство.

За прифаќањето на платежните картички како дигитален начин за извршување на плаќањата, согласно со најновите податоци за 2021 година, просечниот надоместок којшто прифаќачите на платежните картички (банките и другите финансиски институции) го наплатиле од трговците изнесува 1,19% од вредноста на прометот и тој забележа намалување за 0,02 п.п., во споредба со 2020 година. Намалувањето на просечниот надоместок е пред сѐ резултат на намалувањето на надоместокот за 0,18 п.п. за плаќањата кај државните институции, понатаму 0,14 п.п. кај трговците со прехранбените производи, 0,13 п.п. кај бензинските станици и 0,12 п.п. во трговијата со текстил.