Помал од болва – Ова ракче е најмалиот робот во светот (Видео)

225

Инженерите од Northwestern универзитетот го развија најмалиот робот кој се движи со далечински управувач – и тој доаѓа во форма на мал, прекрасен рак.

Мали помагачи

Овие мали роботи, претставени во списанието Science Robotics, се широки само половина милиметар и можат да се виткаат, да се вртат, да ползат, да одат,  па дури и да скокаат. Истражувачите развија и милиметарски роботи кои личат на молци, штурци и бубачки, а минатата година го претставија крилестиот микрочип, најмалата летечка структура направена од човечка рака.

Истражувачите веруваат дека нивната технологија би можела да поттикне создавање на микро-роботи кои можат да вршат практични задачи во затворени простори.

Тие ги гледаат микро роботите како помагала за поправка или склопување на мали структури и индустриски машини, или како хируршки асистенти за чистење на затнати артерии, запирање на внатрешното крварење или отстранување на канцерогени тумори, сето тоа во минимално инвазивни процедури.

Силата доаѓа од телото

Оваа технологија овозможува различни контролирани модалитети на движење, а роботот може да оди со просечна брзина од половина од должината на телото во секунда. Помал од болва, ова роботизирано ракче не работи на комплексен хардвер, хидраулика или електрична енергија. Наместо тоа, неговата сила лежи во еластичноста на неговото тело.

Истражувачите користеле материјал од легура со меморија на обликот што се претвора во „меморирана“ форма кога се загрева. Во овој случај, истражувачите користеле ласерски зрак за брзо загревање на роботот на различни целни места околу телото. Тенок слој стакло го враќа соодветниот дел од структурата во деформирана форма по ладењето.

Од фаза во фаза

Роботот се движи додека се менува од една фаза во друга, од деформирана во меморирана форма и назад. Ласерот далечински го контролира роботот за да го активира, а насоката на ласерското скенирање ја одредува и насоката на одењето на роботот. Скенирањето од лево кон десно, на пример, предизвикува роботот да се движи од десно кон лево.