Сименс се откажа од поставување мрежа на станици за полнење на електромобили

64

siemensГерманскиот технолошки гигант Сименс ги прекинува работите на изградба на мрежа од станици за полнење на електромобили. Сименс се откажува од акцијата затоа што интересот во овој сегмент е понизок од очекуваниот, е-мобилноста не се развива доволно брзо за да се оправдаат трошоците за развој, пренесува Wall Street Journal Deutschland.

Die Welt претходно објави дека компанијата ќе продолжи да нуди кутии за полнење за приватни корисници да ги полнат своите електромобили дома. Исто така, Сименс ќе продолжи со развојот на електрични мотори за автомобили и технологија за нивно безжично полнење.

Минатата година во Германија се регистрирани само 4.321 нови електромобили, а голем процент од тој број се хибриди, машини кои работат на струја и на бензин. Една од причините за слабата продажба е недостатокот на широка мрежа на станици за полнење, кои би ја опфатиле целата земја. Со откажувањето на Сименс, перспективата за нивен развој станува уште понеизвесна.

Колку за споредба, лани во САД се продадени 51.138 нови е-автомобили, додека во Јапонија се регистрирани 24.423 електрични возила.