Ангелоски во Белград: Идентификуваме можности за зголемување на соработката во стопанството, инвестициите и туризмот

52

Засилување на економската соработка меѓу деловните ентитети од нашата земја и од Белград со цел унапредување на економската соработка беше фокусот на средбата на Претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски и заменик-претседателот на Собранието на Град Белград, Игор Јовановиќ која се реализираше вчера во рамки на посетата на Србија.

Со соседна Србија имаме традиционални економски и партнерски односи, кои се карактеризираат со високо ниво на заемна доверба и разбирање. Воспоставениот политички дијалог овозможува континуиран и постојан развој на билатералните односи и соработката.

„Овие средби се поттик за усогласување на економските политики во земјите кои припаѓаат на регионот за побрз развој, приспособување кон конкуренцијата на либерализираниот пазар и можност за усогласување на правната регулатива во земјите. Идентификуваме можности за зголемување на соработката во стопанството, инвестициите и туризмот. Исто така голем потенцијал има во реализација на заеднички проекти и инвестиции на сродни фирми од двете земји, како и унапредување и продлабочување на економската соработка меѓу дветe земји во рамките на иницијативите кои веќе постојат како „Отворен Балкан”, истакна Ангелоски.

Претседателот на Сојузот, посочува дека во Нов Белград интензивно се гради, што е одлична можност за вклучување на нашите градежни компании како изведувачи во овие проекти од нискоградба, високоградба, инфраструктурни проекти.

„Нашите компании имаат капацитет и се со докажано реноме во реализацијата на сериозни проекти во земјите од регионот, но и пошироко, може самостојно или здружено да настапуваат на странските пазари. Преку воспоставената соработка со локалната самоуправа во Белград веруваме дека може да се изградат директни релации кои ќе го направат подостапен пазарот во Србија за домашните компании што ќе поттикне потпишување на нови договори за реализација на градежни проекти”, истакна Ангелоски.

Во Белград, како еден од главните економски центри во регионот, интензивно се развива и туризмот, а бројот на странски туристи е во постојан пораст, искуство кое може да го преземеме и пресликаме и во нашите околности.

„Во трката по странски пазари ги запоставуваме можностите за соработка со земјите од регионот, иако тие се со најголем потенцијал. Во изминатиот период Сојузот е посветен на интензивирање на комуникацијата со сите ентитети кои можат да дадат поддршка во воспоставување на нови деловни релации, зајакнување на соработката на деловните заедници и креирање подобро бизнис окружување”, истакна Ангелоски.

Во наредниот период се планира соработката меѓу Сојузот од градската управа во Белград да биде и формализирана, како и да се организираат настани за вмрежување на деловните субјекти.