Бил Гејтс оваа недела се раздели со 6 милијарди, а ако продолжи вака, многу брзо ќе биде надвор од рангирањето на најбогатите луѓе на планетата.
Ко-основачот на Мајкрософт сега е петта најбогата личност, според индексот на милијардери на „Блумберг“, благодарение на неодамнешната огромна донација што ја даде на сопствената фондација.
Пред него на листата се Елон Маск, Џеф Безос, Бернард Арно и Гаутам Адани.
Поднесоците на Комисијата за хартии од вредност (SEC) покажуваат дека Гејтс донирал акции на Canadian National Railway Co во вредност од речиси 5,2 милијарди долари на неговата фондација. Тој исто така префрли акции во вредност од 995 милиони долари од Deere & Co. повторно кај неа, пренесува Business Insider.
Неодамна милијардерот откри дека сака целото свое богатство да го донира на фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“.
„Паѓам надолу и на крајот ќе излезам од листата на најбогати луѓе“, напиша тој на Твитер претходно овој месец.
„Имам обврска да му возвратам на општеството на начини кои ќе имаат најголемо влијание врз намалувањето на страдањата и подобрување на животот на луѓето“, додаде Гејтс.
Неговото име за прв пат беше внесено во рангирањето на најбогатите луѓе на планетата во 1987 година.
Милијардерот се надева дека другите ќе го следат неговиот пример.