Агенцијата за катастар на недвижности денес го промовираше новиот Правилник за премер на инфраструктурните објекти, односно подземниот катастар. Истиот е објавен во Служебен весник и на сила стапува пет дена по објавувањето.
“Од вторник сите компании кои поседуваат инфраструктурни објекти може да го започнат премерот пеку приватните геодетски фирми. Со овој Правилник ги пропишавме правилата за игра и ги повикувам компаниите премерот да го направат побрзо, бидејќи законскиот рок е пет години. Се работи за многу објекти и околу 100 илајди километри инфраструктура која треба да се премери”, изјави директорот на Агенцијата за катастар, Славче Трпески.
Предмет на премер се сите објекти од копнениот сообраќај, сите подзмени објекти како водоводни и канализациони инсталации и електронски-комуникациски средства, далноводите и друго. Голем број на такви инфраструктурни објекти никаде не се евидентирани. Бенефитот од премерувањето е повеќекратен.
“Компаниите со самиот премер ќе знаат каде им се нивните инсталации, ќе добијат имотен лист и ќе се стекнат со право на сопственост на тие инсталации. На тој начин понатаму ќе можат да располагаат со нив. Со добивањето на имотниот лист, вредноста на компанијата ќе се зголеми, а од друга страна истите може да послужат како хипотека за кредит, да се дадат под закуп и да се оттуѓат. На ниво на држава ќе се знае каде поминуваат тие инсталации. Друг аспект е безбедносниот, па кога ќе се вршат градежни работи точно ќе се знае што поминува под парцелите и инвеститорите нема да шетаат по институциите за да ги извадат документите. Во Катастарот ќе ги добијат сите податоци за инфарструктурата што поминува под парцелата”, објасни Трпески.
Според него, секоја компанија има сопствена евиденција на нејзината инфраструктура, премерена на начин за којшто сметале дека треба да се мери. Но, со овој Правилник се пропишуваат правила и униформно ќе се измерат сите инсталации.
Во однос на граѓаните пак, и тие ќе знаат кои инсталации поминуваат под нивните парцели и кога објектите ќе бидат запишани во Катастар ќе можат да го регулираат односот со носителите на инфраструктурните објекти.
Трпески истакна дека геодетските компании се подготвени за примената на овој Правилник, бидејќи целата подготовка се одвивала во соработка со Геодетската комора.
“За инфраструктурите кои се видливи ќе немам проблеми, премерувањето ќе оди брзо. А во делот на подземните мерења, согласно правилникот ќе мора да се набават и инструменти-трагачи кои не се скапи. Затоа ги повикувам компаниите да започнат со постапката што побрзо”, додаде Трпески.