Хакиран популарниот менаџер за лозинки LastPass

90

„Безбедносен инцидент“ е веројатно последната фраза што сакате да ја прочитате на официјалниот блог на компанијата на која сте и довериле неколку стотици ваши лозинки. Сепак, токму тоа го објави популарниот менаџер за лозинки LastPass, наведувајќи дека пред две недели забележале сомнителна активност во дел од нивната развојна околина.

По истрагата, се покажало дека напаѓачите успеале да користат компромитирана корисничка сметка на нивниот развивач и да упаднат во нивните клучни системи.

Оттаму велат дека украле делови од изворниот код на нивниот софтвер и одредени заштитени информации. И покрај ова, LastPass сè уште работи за сите корисници како досега, а податоците на корисниците, оние од кои зависи нивниот „живот“, останаа недопрени.

По овој инцидент е започната постапка за опоравување и заштита, за да нема повеќе слични случаи. LastPass, исто така, објави одговори на прашања кои предвидуваат загриженост на корисниците. Тие истакнуваат дека главните лозинки за нивните кориснички сметки, како и сите други лозинки кои ги штитат за своите корисници, не паднале во рацете на напаѓачите. Поради оваа причина, не е неопходно да се прави ништо, бидејќи безбедноста на сите податоци сè уште е зачувана.

Ако сакате да се заштитите од можноста некој да упадне во вашата корисничка сметка, без оглед на LastPass или други менаџери за лозинки, најдобрата препорака е да не ги „рециклирате“ лозинките и да користите повеќефакторска проверка на идентитетот каде и да е достапна.