Цукерберг претстави Meta VR очила од 1.299 долари и нови уреди со вештачка интелигенција

Компанијата Мета ги претстави новите очила за виртуелна реалност Meta VR Glasses, кои ќе чинат 1.299,99 долари (околу 1.100 евра), како и нови уреди и функции базирани на вештачка интелигенција (AI), како дел од годишната конференција Meta Connect 2026.
Meta VR Glasses треба да бидат достапни на пазарот напролет 2027 година, а компанијата вели дека тежат околу 100 грама, приближно колку шпил карти, објави CNBC.

Процесорот и батеријата се сместени во посебен уред кој се поврзува со очилата, со што се намалува тежината на самите очила.

Извршниот директор на „Мета“, Марк Цукерберг, изјави дека очилата се наменети за гледање филмови во 3D, играње видео игри, следење спортски настани и користење како виртуелен работен простор.

Уредот поддржува гласовна контрола, движења на очите и природни движења на рацете, без потреба од контролери.
„Мета“ го интегрира и својот личен агент за вештачка интелигенција „Мuse“ во очилата, што им овозможува на корисниците да извршуваат разни задачи со својот глас, да стартуваат апликации и да добиваат информации без користење телефон.

Компанијата соопшти дека „Мuse“ може да им помогне на корисниците да ги организираат дневните задачи и да ги претворат долгорочните цели во акциони планови.

Дополнително, „Мета“ го претстави и уредот „Муз Чарм“, мал рачен уред дизајниран за пристап до агентот за вештачка интелигенција „Мuse“, кој, според објавените информации, компанијата планира да го понуди пред претстојната празнична сезона.

„Мета“ исто така го прошири асортиманот на паметни очила развиени во соработка со „Реј-Бан“, вклучувајќи ја новата генерација очила „Реј-Бан Мета“, како и првите аудио очила „Реј-Бан Мета Аудио“, кои немаат камера.
Моделот „Мета Аудио“ започнува од 349 долари и треба да започне со испорака на 13 октомври.