Бесими: Потребни се промени во системот на јавни финансии за да бидат одржливи за економски раст и полесно соочување со економските кризи

33

Владата работи на нов пакет на антикризни мерки во тесна координација со деловната заедница и сите општествени чинители за да се најдат најсоодвените решенија за поддршка на граѓаните и стопанството. Сепак, зимата ќе биде тешка, за цела Европа и за нас, а мерки ќе го ублажат ударот, но нема целосно да го спречат – тоа нема да го направат ниту богатите економии. Со цел обезбедување на одржливи јавни финансии кај нас, неопходно е ревидирање и рационализација на буџетските расходи преку системски и одржливи решенија, кои во случај на идни кризи ќе обезбедат поголема апсорпциска моќ на економијата, пишува во својата најнова колумна, министерот за финансии, Фатмир Бесими.  

„За да во иднина апсорпционата моќ на економијата во случај на криза биде значајно поголема – како и обезбедување на поквалитетни јавни услуги, мора да има промени на приходната страна (се разбира и поголема контрола на расходната страна, што ќе го постигнеме преку системскиот Закон за буџети). Со цел обезбедување на одржливи јавни финансии неопходно е ревидирање и рационализација на буџетските расходи преку системски и одржливи решенија. Тоа ќе значи и структурни реформи во кои работат ресорните министерства и институции, и тоа за оптимизација и зголемување на ефикасноста на државната администрација, поквалитетно здравство и образование, рефивидирање на субвенции во земјоделство базирано на принос и обезбадување на стратешки производи, социјално осигурување, подобрување на перформансот на јавните претпријатија и ќе продолжиме со натамошно намалување на сите неприоритетни трошоци, како што се патни трошоци, дневници, електрична енергија и други енергенси, мебел, возила и слично“, пишува Бесими.

Во овој контекст, министерот посочува дека сега е вистинско време да се зборува за оптималниот концепт на оданочување, вклучително и мерки за сузбивање на сивата економија, кои ќе обезбедат доволно приходи за сигурносен заштитен слој (бафер) во идни вакви потреси.

„Дебатата е отворена и таа во континуитет се одвива со сите чинители со кои заедно ќе дојдеме до најоптималното решение. За мерки се потребни средства и тие мора да дојдат од некаде – од подобрена наплата или од заем. Ако даночниот систем беше поефикасно и поправично поставен со поголем опфат (тука зборувам и за сивата економија), апцорпционата моќ на економијата сега ќе беше поголема, а потреба за задолжување помала“, пишува Бесими.

Тој ја истакнува и енергетската ефикасност и водењето на зелена и одржлива економија, односно дека во иднина просперитетни економии ќе бидат оние кои ќе имаат висок степен на одржливост.

„Оваа и претходната криза ни покажаа дека е потребен повисок степен на приспособливост на економиите. Оние кои ќе знаат брзо да одговорат на предизвиците, се оние кои ќе успеат. Инвестициите во одржливите извори на енергија се еден сегмент од тоа. Друг сегмент е одржливото земјоделство. „Одржливост“ во иднина ќе биде клучниот збор. Иновативноста и претприемништвото во оваа насока ќе дадат најголема додадена вредност и вреди за тоа да размислуваме“, посочува министерот за финансии.