Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за српскиот весник „Политика” се осврна на важноста на Отворен Балкан и меѓусебната соработка на земјите од регионот. Ковачевски подвлече дека иницијативи како Отворен Балкан, кои имаат реални придобивки како што е првиот меѓународен саем на храна, вино и туризам во Белград е исклучителна можност да воспоставиме нова динамика во нашата регионална соработка и да обезбедиме економски просперитет и подобро утре на нашите граѓани.
„Северна Македонија, но и регионот традиционално е поднебје каде има добра храна и вино. Важно е тоа да го покажеме и да работиме на унапредување на севкупните капацитети. Учеството на Северна Македонија на саемот реално има огромно значење за домашната економија. Компаниите кои изложуваат тука ќе обезбедат поголем извоз, откуп и нови пласмани и пазари за македонските храна и вина. Ќе се обезбеди одлична промоција на туристичките капацитети во Северна Македонија и привлекување нови туристи, пред сѐ од регионот. Од Северна Македонија ќе учествуваат 42 винарии и 3 дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии, а ќе се претстават и повеќе од 10 производители на храна. Нашето Министерство за земјоделство навистина се потруди да им обезбеди одлична промоција, со оглед на фактот дека е очекувано Саемот да има стотици илјади посетители. Накратко кажано, вакви поврзувања се особено важни за регионот и за економијата на земјите”, рече Ковачевски.
Ковачевски истакна дека со сите договори кои досега се потпишани, вклучувајќи ги и меморандумите за разбирање одиме еден чекор напред кон намалување на бирократските бариери за зголемување на протокот на луѓе и капитал.
„Всушност зборуваме за имплементација на темелните вредности на ЕУ сега, додека трае нашиот процес на преговори со ЕУ. Придобивките од Отворениот Балкан се веќе видливи, а верувам дека ќе биде така и понатаму. Се работи интензивно секако да се надминат административните пречки за сѐ она што ќе нѐ донесе чекор поблиску до зацртаните цели, но мислам дека сме на добар пат сериозно да направиме единствен регион кој ќе им овозможи на своите граѓани побрз просперитет. Што се однесува до конкретните придобивки од Отворен Балкан, сметам дека економската димензија од која имаат придобивка и граѓаните и стопанството е практично најважната, особено во дадениов момент. Сите ние поединечно како земји, сме интересни за странските и домашни инвеститори, но заеднички, како регион, инвеститорите ќе имаат далеку поголем интерес за вложувања и за креирање капацитети и нови работни места”, рече Ковачевски и додаде дека Отворен Балкан во регионот е позитивно прифатен од бизнис заедницата и сите компании ќе имаат придобивка од учеството на регионален пазар.
„Конкуренцијата и квалитетот ќе растат, граѓаните ќе имаат поголеми шанси за личен развој, а компаниите шанси за нови пласмани и соработки”, подвлече Ковачевски.