Германија дава 13 милијарди евра помош за граѓаните и компаниите

121

Германскиот пакет помош за граѓаните и компаниите, кој треба да им ја олесни борбата со зголемената инфлација, годинава ќе изнесува 13 милијарди евра, од кои сојузната влада ќе обезбеди 12 милијарди, соопшти  германското Министерство за финансии.

Со годишна инфлација од 7,9 отсто во август, Берлин беше под притисок да обезбеди дополнителна помош за граѓаните и бизнисите погодени од растот на цените на енергијата, пишува Ројтерс.

Како што соопшти Министерството за финансии, помошта за 2023 година ќе изнесува околу 42,5 милијарди евра, од кои 24,6 милијарди евра ќе бидат од федералната каса.

Еднократната исплата од 300 евра за пензионерите претставува речиси половина од ветеното олеснување за 2022 година, во вредност од 6 милијарди евра, додека енергетските компании оваа и следната година би добиле вкупно три милијарди евра. Пакетот подразбира дека 7,5 милијарди евра во 2022 и 2023 година ќе бидат насочени кон намалување на данокот на приходот од гасот. Билетот за јавен превоз од 9 евра кој се нуди летово ќе ја чини државата вкупно три милијарди евра следната година.

Ројтерс наведува дека најголемиот дел од доделените средства од 10,1 милијарди евра се наменети за надоместување на штетите предизвикани од инфлацијата.