Тим експерти од Универзитетот за технологија во Сингапур создадоа материјал кој се користи за „покривање на стакло на прозорци“ и за заштеда на енергија. Кога стаклото е обложено со овој материјал, тоа реагира на температурата во околината, па различно се однесува и во лето како и во зима.
Облогата се состои од ванадиум диоксид, полиметил метакрилат, кој ја подобрува изолациската способност на прозорецот.
Ефикасен прозорец кој автоматски ја задржува топлината во зима и ја ослободува во лето може да биде рентабилен и широко применлив начин за заштеда на енергија. Ова е значајно и затоа што прозорците се најчувствителниот дел од секоја зграда, па преку нив се губи дури 60 проценти од енергијата, пишува Smartlife.
Во летниот период прозорците се загреваат однадвор, а топлинската енергија се пренесува во внатрешноста на објектот. Кога надвор е ладно, тие се загреваат одвнатре и испуштаат топлина во надворешната средина. Овој процес се нарекува радијативно ладење, што значи дека прозорците не се ефективни за загревање или ладење на градбите, во зависност од сезоната.
Научникот Лонг Ји од Универзитетот за технологија во Сингапур, заедно со група меѓународни експерти, развија специјален модел на прозорец кој независно го вклучува или исклучува ефектот на радијативното ладење, во зависност од неговата температура.
Истражувачкиот тим го обложил стаклото од едната страна со тенок слој ванадиум диоксид, соединение кое се менува од изолатор во проводник на околу 68°C (научниците додале волфрам на ванадиум диоксидот за да ја намалат преодната температура на 28°C, за да бидат прозорците корисни во реалниот свет каде температурите не достигнуваат 68°C). Кога надворешната температура е пониска од таа, прозорецот го блокира инфрацрвеното зрачење, па топлината се задржува внатре. Кога е повисоко, прозорецот ја пушта топлината и ја рефлектира надвор.
Креаторите тврдат дека овие прозорци би можеле да се инсталираат насекаде низ светот и да „работат“ цела година. Со тоа би се намалила потрошувачката на електрична енергија, но и емисијата на штетни гасови. Неопходно е да се направат некои дополнителни подобрувања за производството да биде профитабилно – издржливоста и ефикасноста во блокирањето на инфрацрвеното зрачење се приоритети во следните чекори.