Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) на Португалија и одобри нова транша од 1,5 милијарди евра во рамките на програмата за помош, откако официјален Лисабон успешно ја мина петтата ревизија.
Планот за спас на меѓународната заедница за Португалија предвидува во следните три години да бидат обезбедени 28,2 милијарди евра.
Според програмата за помош со која е предвидено кратење на трошоци, зголемување на даноци и воведување реформи поради подигање на економијата, Лисабон би требало повторно да стекне доверба за да биде во состојба нормално да се рефинансира на пазарите на приватен капитал на почетокот на следната година.
Според Евростат, долгот на Португалија на крајот на првиот квартал од оваа година изнесувал скоро 190 милијарди евра, што претставува околу 112% од бруто домашниот производ (БДП) на земјата.
Во мај 2011 година, благодарение на кредитот од ММФ и Европската унија од 78 милијарди евра, Португалија успеа да избегне банкрот.