Германија одобри план вреден 6,3 милијарди евра, со кој се планира драстично да се зголеми бројот на полначи за електрични возила на патиштата во земјата во следните три години.
Планот е дел од стратегијата на државата за постигнување нула емисија на штетни гасови и истовремено зголемување на бројот на електрични полначи за дури 14 пати. До 2030 година Германија треба да има милион полначи од 70.000 што ги има денес, пренесува Ројтерс.
Притоа, посебен акцент ќе се стави на досега запуштените области, како и на помалите заедници, се со цел сопственоста на електрично возило да биде што попривлечна.
„Нашата цел е да го забрзаме проширувањето на инфраструктурата за полнење, да го поедноставиме процесот на полнење и на тој начин да им олесниме на луѓето да се префрлаат“, рече федералниот министер за транспорт Волкер Визинг.
Германската влада планира и да ги поедностави процедурите за добивање одобрение за изградба на станици за полнење. Сето ова треба да им го олесни животот на сопствениците и идните купувачи на електрични автомобили, но и да овозможи експоненцијален раст на продажбата на електрични возила што го очекуваат во Германија.
„Знаеме дека електромобилноста брзо расте, затоа мораме да бидеме брзи“, рече Визинг, нагласувајќи дека позитивното искуство поврзано со поседувањето електрично возило е одлучувачко во сè.











