Откако Илон Маск го презеде Твитер, некои корисници почнаа да бараат алтернативи и најголема корист од тоа имаше релативно новата социјална мрежа Мастодон. Таа сега има над 655.000 корисници, од кои 230.000 се придружиле во изминатата недела.
Мастодон на прв поглед изгледа како Твитер: корисниците можат да се следат едни со други и пишуваат постови наречени toots, на кои може да се стави лајк и да се реобјават. Но, Мастодон функционира поинаку и тоа е една од причините што привлекува сè повеќе нови корисници.
При регистрирањето прво се избираат сервери, кои ги има многу и се тематски поделени, како земја, град и интереси. Тие му даваат една почетна заедница на корисникот, која веројатно ќе објавува содржини за која и тој би бил заинтересиран.
Оваа платформа се појави пред шест години и моментално се соочува со најголемата активност досега. Мастодон не е една платформа и не е во сопственост на еден поединец или фирма, туку сите тие различни сервери се поврзуваат и формираат колективна мрежа. Со тоа се добива децентрализирана платформа, што ќе биде основата и на новата социјална мрежа на основачот на Твитер, Џек Дорси, наречена BlueSky.