Oд денеска прехранбените производи треба да се нудат со намалени цени

122

Министерот за економија Крешник Бектеши очекува од денеска да почне намалувањето на цените на одредени прехранбени производи поради одлуката на Владата со која производителите на храна ќе добијат субвенционирана цена за електричната енергија.

Бектеши синоќа на гостување во емисијата „10 минути” на ТВ 21 појасни дека од денеска производителите на прехранбени производи ќе треба да им понудат на маркетите нови намалени цени, но дека треба да се има предвид и фактот дека маркетите имаат залихи од претходно.

– Одредени маркети имаат залихи од претходно. Од четврток треба да почне намалувањето на цените. Производителите на прехранбени производи од четврток ќе почнат да им нудат на маркетите нови цени кои се намалени согласно одлуките за субвенционирана електрична енергија, рече Бектеши.

Најавува и засилени контроли од страна на Пазарниот инспекторат, а ги повика и граѓаните доколку забележат злоупотреби кај трговците, да ги пријават.