Нова производствена опрема пристигна во фабриката во Крагуевац на Fiat Chrysler Automobiles (FCA) Србија и се работи темелно на имплементација на планот и проектот за трансформација, како и на негово навремено воведување, соопштија денеска од компанијата Stellantis, кој е мнозински сопственик на фабриката.
– Доаѓањето на нова опрема и усогласувањето со иновативните технолошки процеси кои ја поддржуваат новата платформа се пресвртници за иднината на нашата компанија. Овие чекори го менуваат курсот и градат модерна технолошка компанија за одржлива мобилност – изјави индустрискиот директор на FCA Србија, Јовица Јовановиќ.
Тој додаде дека е многу благодарен на локалниот тим и на сите вклучени во извршувањето на сите фази од планот на патот кон трансформација на фабриката.
– Нашиот проект е важен дел од глобалната стратегија за електрификација на Stellantis, со амбициозни и јасни цели, на чија реализација успешно работиме – рече Јовановиќ.
Во соопштението беше посочено дека Србија има стратешко значење за Stellantis и нејзините операции како дел од глобалниот стратешки план Dare Forward 2030.
Stellantis ќе инсталира нова електрична платформа за производство на електрични автомобили во својата фабрика во Крагуевац, Србија, од средината на 2024 година.
– Новиот електричен автомобил, кој допрва ќе се именува, ќе се произведува во фабриката во Крагуевац. Објектот, исто така, може да се конфигурира да поддржува потенцијални дополнителни количини на вториот модел врз основа на континуирани подобрувања во перформансите, се вели во соопштението.











