Цените на акциите остро паднаа на Волстрит во четвртокот, втор ден по ред, бидејќи инвеститорите стравуваат дека агресивното заострување на монетарната политика од страна на американската централна банка ќе ја втурне економијата во рецесија.
Dow Jones се лизна за 2,25 отсто, на 33.202 поени, додека S&P 500 потона за 2,49 отсто, на 3.895 поени, а индексот Nasdaq 3,23 отсто, на 10.810 поени.
Најголемиот дневен пад на овие индекси од почетокот на ноември е последица на сè уште цврстата позиција на ФЕД во однос на сузбивањето на инфлацијата.
Иако ФЕД го забави темпото на зголемување на каматните стапки во средата, проценките на челниците на централната банка покажуваат дека каматните стапки ќе бидат покачени на повисоки нивоа од очекуваното и дека тие ќе останат на тие нивоа подолго од очекуваното.
Имено, челниците на централната банка проценуваат дека крајната каматна стапка, на која ќе запре циклусот на зголемување на каматните стапки, ќе достигне 5,1 отсто, додека во септември очекуваа 4,6 отсто.
Тоа значи дека ФЕД и во следната година ќе ги зголеми каматните стапки за вкупно 0,75 процентни поени, во опсег од 5 до 5,25 отсто.
По зголемувањето за 0,50 процентни поени во средата, клучните каматни стапки се во опсег од 4,25 до 4,50 отсто, што е нивно највисоко ниво во последните 15 години.
На почетокот на неделата цените на акциите пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваа дека циклусот на покачување на каматните стапки ќе заврши на пониски нивоа, под 5 отсто. Тие, исто така, се надеваа дека ФЕД може да започне со намалување на каматните стапки на крајот на следната година.
Сепак, се чини дека ништо нема да излезе од тоа бидејќи челниците на ФЕД изјавија дека очекуваат намалување на каматните стапки дури во 2024 година и тоа за еден процентен поен.
„Не се работи само за она што ФЕД го направи во средата, туку и за она што го кажа. И јасно е дека тој сè уште е загрижен за инфлацијата и ова не е крај на циклусот на зголемување на каматите. Ќе треба да почекаме нови показатели за инфлацијата“, вели Мелиса Браун, директорка за истражување во Qontigo.
Во последниве месеци, инфлациските притисоци донекаде се намалија, но во средата претседателот на ФЕД Џером Пауел рече: „Податоците за инфлацијата во октомври и ноември се добредојдени индикации за забавување на растот на цените“. Сепак, ќе ни требаат значително повеќе докази дека инфлацијата е на постојана надолна траекторија“.











