Советот на Народната банка, на седница одржана на 27 февруари 2023 година, усвои нова Одлука за методологијата за управување со кредитниот ризик со која се врши натамошно усогласување со новите регулаторни барања коишто започнаа да се применуваат во Европската Унија, а придонесуваат за натамошно јакнење на стабилноста на банкарскиот систем. Со Одлуката се определува нов начин на утврдување на нефункционалните[1] кредитни изложености и се зајакнуваат критериумите за следење и контрола на квалитетот на кредитното портфолио на банките. Исто така, се унапредуваат правилата за реструктурирање на кредитните изложености на банките кон клиенти кои се соочуваат со финансиски тешкотии.
Заради поголема транспарентност во работењето на банките и следење на нивната усогласеност од страна на Народната банка, Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик ги проширува информациите и податоците коишто треба да ги достават банките до Народната банка, за што треба да го прошират опфатот на системот за известување до централната банка. Така, новина во овој домен меѓу другото се и подетални информации за реструктурираните[2] кредитни изложености, за следење на активностите на банките за намалување на нефункционалните кредитни изложености, како и за одобрените зелени кредити.
Преку спроведувањето на Одлуката ќе се овозможи подетално следење на движењата во кредитното портфолио на банките и навремена оцена на потенцијални ризици за финансиската стабилност.
Имајќи ги предвид новините коишто се воведуваат со Одлуката, Народната банка предвиде таа да се применува од 1 јануари 2024 година, со што ќе се обезбеди времето потребно за соодветни промени во системите на банките и за приспособување на нивното работење кон овие нови барања. Во исто време, новините поврзани со ризиците поврзани со климатските промени ќе почнат да се применуваат од 1 јануари 2025 година.
На оваа седница беа усвоени и Правилата за работа на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС). Овие правила се дел од подзаконската регулатива којашто ја носи Народната банка заради усогласување со барањата од новиот Закон за платежни услуги и платни системи кој стапи на сила на почетокот на оваа година. Новиот закон претставува значаен исчекор во усогласувањето на платежните услуги со европската регулатива и од него се очекуваат бројни предности за компаниите и граѓаните.
Досега Народната банка донесе 29 подзаконски акти. Оттука, со Правилата се проширува опфатот на учесниците во МИПС со нови субјекти коишто согласно Законот може да даваат платежни услуги и да учествуваат во платните системи, а се уредуваат и други прашања поврзани со извршувањето налози за пренос на парични средства и управувањето со ризиците.
[1] „Нефункционална кредитна изложеност” настанува кога клиентот не го платил достасаното побарување (коешто надминува одреден износ) поради која било причина повеќе од 90 последователни дена, кога постои неможност за наплата, кога има докази дека настанало оштетување или, пак, каде што е утврден повисок ризик за ненаплата.
2 „Реструктурирање” претставува менување на договорните услови на постоечката или, пак, одобрување нова кредитна изложеност од страна на банката за клиент кој се соочува со финансиски тешкотии при отплатата на кредитот (примери за менување договорни услови се: продолжување на рокот на отплата на кредитот, пониска каматна стапка, поинаква динамика при отплата на кредитот и сл.).