Банките стануваат водечки купувачи на некои државни обврзници од еврозоната, искористувајќи ги зголемените каматни стапки додека Европската централна банка (ЕЦБ) се обидува да го намали своето присуство на пазарот.
Владите од еврозоната имаат потреба од приватни инвеститори да преземат околу 400 милијарди евра дополнителен долг во оваа година.
Потребите за финансирање остануваат високи поради енергетскиот шок што уследи по инвазијата на руските трупи во Украина.
Во исто време, ЕЦБ, огромен купувач на државни обврзници во последниве години, наскоро ќе почне да го намалува нивниот износ во својот биланс од 8 трилиони евра, бидејќи ја заострува монетарната политика за да ја спречи инфлацијата, Reuters дополнително нагласува и додава:
„Овој голем удел со години ги одржува ниски трошоците за задолжување и нестабилноста, така што главното прашање сега е кој ќе се вклучи кога ЕЦБ ќе се повлече“.
Досегашната продажба на обврзници директно на мало за 2023-та година покажува дека приватните банки купуваат многу поголем дел од долгот на некои земји од претходно, покажаа податоците на Refinitiv, а објаснувањето што го даваат аналитичарите е дека зголемувањето на каматните стапки ја зголемува атрактивноста на државните обврзници.
„Во многу зделки, тие се најголемите купувачи“, рече Пјер Блундин, глобален шеф на пазарите на капитал за суверени, наднационални и агенциски долг во Credit Agricole CIB.
Различни претставници на финансиски институции открија за новинската агенција дека главниот интерес е насочен кон обврзниците со рок на доспевање до 10 години.
Приватните банки беа и главните купувачи во продажбата на долгот на Европската унија овој месец, купувајќи речиси 50% од седумгодишните обврзници и 35% од 20-годишните обврзници. За споредба, според Reuters, тие во септември минатата година имале удел од 26 отсто од петгодишните обврзници и 21 отсто од 30-годишните обврзници.
Од регулаторни причини, банките мора да држат одредена количина на висококвалитетни ликвидни средства, готовина и државни обврзници, како акумулатор за ликвидност.
„Како што се зголемуваат приносите на обврзниците во однос на стапките на замена, за нивните благајнички станува се попривлечно да купуваат обврзници наместо да чуваат готовина“, објасни Даниел Џиљо, виш менаџер за средства и обврски во BNP Paribas Fortis во Брисел.
Стапката на замена е фиксната стапка што ја плаќаат инвеститорите за да се заштитат од ризик, примајќи рати по променлива стапка.
Сепак, дали банките ќе го прошират купувањето на државни обврзници останува да се види, велат аналитичарите за Reuters.