Потреси во банкарскиот сектор: „Следните две недели се клучни“

60

Откако американската ФЕД ги зголеми каматните стапки за 25 базични поени во средата, сигнализирајќи дека е на работ да го забави најагресивното монетарно затегнување во последните неколку децении поради пресвртот во банкарскиот систем, акциите на банките во Европа повторно се во црвено.

Од забелешките на претседателот Џером Пауел е јасно дека Федералните резерви се плашат од сценарио во кое проблемите со банките би можеле да доведат до кредитна криза со реперкусии врз забавувањето на американската економија.

Следните две недели се клучни

Американските компании се плашат и од кредитен притисок, дури и повеќе од инфлацијата, судејќи според најновите истражувања меѓу водечките менаџери. Добрата вест е дека стеснувањето на кредитите ќе го има истиот ефект како и зголемувањето на каматните стапки – заладување на побарувачката и забавување на инфлацијата. Лошата работа е што во такво сценарио централната банка има многу мала контрола и тешко е да се прогнозира колку длабоко може да потоне економијата.

Проблемите кои започнаа со банкротот на американските кредитори на чело со Силиконската долина банка се проширија и во Европа. Швајцарската UBS беше принудена да го преземе Credit Suisse за да спречи поширока криза.

Но, претседателот на Швајцарската централна банка (СНБ), Томас Џордан, во четвртокот рече дека следните две недели ќе бидат клучни за да се види успехот на спасувањето.

И Банката на Англија ја зголеми цената на парите на Островот по единаесетти пат по ред, и покрај фактот што финансиските акции повторно паднаа во корекција, пренесува n1info.hr.