
Летната туристичка сезона е пред самиот почеток, а црногорските туристички работници веќе се соочуваат со организациски проблеми, бидејќи како што сега стојат работите ќе има недостиг од работна сила.
Како што истакна во интервју за „Дан“, Илија Арменко, претставник за туризам од Петровац, ситуацијата е исклучително сложена, бидејќи Црна Гора, иако е препознаена како атрактивна дестинација, полека го губи чекорот со регионот.
– Сите се жалат дека недостига работна сила, бидејќи работниците одат во Хрватска за повисоки плати, а таму доминантни се гостите со подобра платежна моќ. Ситуацијата сега е таква што немаме ниту работна сила да отвораме кафеани – вели Арменко.
Арменко наведува и дека и покрај повисоките плати што ги плаќаат црногорските ресторани, во соседна Хрватска главниот готвач може да заработува и до 3.500 евра месечно.
– Кај нас платите за главните готвачи се движат до 2.000, а во Хрватска до 3.500 евра, затоа повеќето одат таму, бидејќи условите се многу подобри. Кај нас платите се повисоки и до 30 или 40 отсто од порано, но работната сила оди таму каде што се подобри условите. Ни предвидуваат подобра сезона, но прашање е дали ќе биде така – вели Арменко.
Тој вели дека дополнителен проблем е краткото траење на сезоната, која според него во Петровац трае околу 40 дена.
– Туризмот кај нас се сведе на социјална помош. Една чинија риба кај нас е околу 33 евра, додека истата во Дубровник чини 120 евра. Кај нас давачките постојано се зголемуваат. Овде се помалку платени гости доаѓаат, полупансионот е меѓу 30 и 40 евра, што значи дека на туристите од Запад поевтино им е да летуваат во Црна Гора отколку да останат дома – посочува Арменко.
Арменко смета дека треба да се погледнеме во огледало и да видиме како понатаму, бидејќи стануваат сè помалку конкурентни со земјите од регионот.
– Туризмот секаде напредува, но кај нас ништо конкретно не е сменето. Сите давачки паѓаат на нас туристичките работници… И цените на услугите поради зголемувањето на инпутите драстично ќе се зголемат за најмалку 30 проценти. Тоа мора да го направиме за да опстанеме, а тоа е невозможна мисија, а дополнително ќе влијае на сезоната – вели Арменко.
Според Арменко, веќе недостигаат резервации, што не е добар показател за сезоната.
– Нема да кукаме, но мора да бидеме свесни до каде сме. Сезоната е прекратка, се треба да се подготви, работници се ангажираат да работат само 40 дена. За такво нешто има малку време, бидејќи туристичките работници во Хрватска веќе ангажираат работна сила, а најголем дел од работниците одат таму. Не можеме да ги испратиме под услови и да им даваме високи плати, кога вистинската сезона овде почнува дури околу 1 јули – заклучи Арменко.











