Турција цели кон 90 милиони туристи и 100 милијарди долари приход од туризмот

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека е многу важно Турција да остане силна и стабилна во наредниот период, јавува Анадолија.
„Република Турција нема друг избор освен да остане силна и дополнително да ја зголеми својата моќ за да не падне повторно во јамата на политичкото и економското ропство“, рече Ердоган.

Тој особено ја истакна важноста на економскиот напредок на земјата.

„Целта на Турција е 90 милиони туристи и 100 милијарди долари приход од туризмот и соодветно ги динамизираме инвестициите и промоцијата. Исто така, благодарение на економскиот раст ќе отвориме шест милиони нови работни места за пет години и ќе ја намалиме стапката на невработеност на седум проценти“, рече Ердоган и додаде:

„Ќе продолжиме со инвестициите, производството и извозот додека не ја достигнеме целта нашата земја да достигне обем на надворешно трговска размена од еден трилион долари“, рече тој.

Тој нагласи и дека во наредниот период сакаат да посветат посебно внимание на фармацевтската и медицинската индустрија.

„Во наредниот период планираме да ги зголемиме развојните и производствените капацитети на земјата во фармацевтскиот и медицинскиот сектор и на тој начин да постигнеме пробив сличен на оној што го имаме во одбранбената индустрија“, рече Ердоган.

Фото: Pixabay