Бислимоски: Да се купува струја кога е евтина, а јагленот да се чува за зима

Фотоволтаиците ја менуваат цената на електричната енергија, која повеќе не е најскапа во текот на денот, туку варира и токму ова треба да го искористат ЕСМ и ЕВН хоум, доколку има потреба, електрична енергија да ја купуваат во периоди кога е драстично поевтина, а јагленот да се чува за зима, вели за МИА претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

Toj како претседател на Бордот на регулатори од вчера учествува на дводневниот редовен состанок во Атина на регулаторите од Енергетска заедница, а во разговор со дописничката на МИА од Атина, објаснува во кој случај би можеле да говориме за воведување на евтина тарифа, но и открива дека за само три месеци во Северна Македонија се издадени 170 лиценци за нови фотоволтаични електрани, наспроти 267 во текот на целата ланска година.

За цената на електричната енергија на берзата, посочува дека повеќе не е највисока во текот на денот, туку е далеку пониска отколку во периодот во 19 или 20 часот, а по полноќ е уште пониска и затоа постојат драстични промени на берзанските цени и „ја имаме т.н. крива на гуска, којашто е карактеристична за земји каде што има изразено производство од фотоволтаици“.

– Имавме денови каде што цената на електричната енергија во текот на денот беше 1,68 евра за мегават час, имало денови кога било пет или шест евра. Во вообичаен ден е некаде околу 60 евра за мегават час и токму од тие причини кога зборуваме за можноста за воведување на евтина тарифа го гледаме тоа да испратиме сигнал и до ЕСМ и до ЕВН хоум, доколку има потреба, да купуваат електрична енергија токму во периодите кога е драстично пониска, со цел да си ја чуваме водата во нашите хидроелектрани дека подготовките за новата грејна сезона мора да започнат веднаш по завршувањето на оваа, објаснува Бислимоски и додава дека како ќе доаѓа летото вообичаено ќе биде во текот на денот цените да бидат од 20 до 30 евра за мегават час и „апсолутно тоа мора да го искористиме, да не чекаме, да бидеме пред времето, за да немаме потреба од промени на цени за електрична енергија“.

Претседателот на Регулаторната комисија вели дека ја разгледуваат можноста да се воведе евтина тарифа, но доколку сите го применат овој концепт за купување електрична енергија кога е најевтина.

Од друга страна, во однос на тоа дали би можело да има поскапување на струјата објаснува дека тој лично не е приврзаник сега, во овие услови, да има зголемување на цената на електричната енергија, бидејќи постојат „доста отворени можности, кои мора да ги искористиме“.

Фото: Pixabay