
Престолонаследникот на Саудиска Арабија и владетел на таа земја, Мохамед бин Салман, најави префрлање на 4 отсто од акциите на нафтениот гигант Сауди Арамко на подружница на државниот фонд, што дополнително ги зголемува ресурсите на земјата, во време кога таа се обидува да ја прошири својата економија надвор од нафтата.
Тоа значи дека 4 отсто од акциите во Сауди Арамко одат во државниот Фонд за јавни инвестиции (ПИФ), пренесува АП.
„Преносот на средства ќе ја зајакне и силната финансиска позиција и кредитниот рејтинг на ПИФ“, се вели во соопштението за договорот. Сауди Арамко, формално позната како Нафтена компанија на Саудиска Арабија, рече дека саудиската влада останува најголемиот акционер на компанијата, со повеќе од 90 отсто од нејзините акции.
Во февруари 2022 година, уште четири проценти од Aramco беа префрлени на ПИФ.
Компанијата има пазарна вредност од 1,94 трилиони долари, што ја прави трета највредна компанија во светот, зад Apple и Microsoft, а теоретски, пренесените 4 проценти ја прават вредна околу 77,6 милијарди долари.
„Арамко“ објави профит од 161 милијарда долари минатата година, поттикнат од порастот на цените на енергијата откако Русија започна војна против Украина во февруари 2022 година, со санкции што ја ограничуваа продажбата на нафта и природен гас од Москва на западните пазари.
Фото: Facebook











