Повторно се зголемува бројот на банкроти во Германија

Во Германија повторно е зголемен бројот на компании кои банкротирале, покажуваат првите податоци на заводот за статистика. Податоците, сепак, не укажуваат на долгорочно влошување на економската состојба.

Во март се регистрирани 13,2 отсто повеќе пријави за стечај отколку во февруари.

Статистичарите потенцираа дека барањата за стечај често влегуваат во статистиката со задоцнување од неколку месеци, па конечните податоци се достапни само за јануари.

Германските окружни судови известија дека 1.271 компанија се несолвентни – околу една петтина повеќе отколку во истиот месец минатата година, пишува Seebiz.

Окружните судови ги проценуваат веројатните побарувања на доверителите на нешто помалку од 2,3 милијарди евра.

Најмногу стечаи на фирми во јануари имало градежништвото со 246 предмети, а потоа следи трговијата со 204 постапки.

Во последните години, државните субвенции, како и делумно укинатите обврски за поднесување стечај, го намалија бројот на стечајци на претпријатијата и покрај пандемијата и енергетската криза.

Здружението на стечајни управители наведува дека зголемувањето на неликвидноста на фирмите „во долгорочна споредба само укажува на нормализирање на стечајната состојба“.