За да добие дозвола од хрватската Агенција за заштита на пазарна конкуренција (АЗТН) за преземање на словенечки Meркатор, Агрокор ќе мора значително да го намали бројот на продавници во Хрватска, затоа што мерките што досега ги предложил не ги отстрануваат сите негативни ефекти на пазарната конкуренција, пишува Т-портал.
Без одобрување на АЗТН трансакцијата не може да се спроведе, а главен услов е пазарната концентрација по спојувањето на двата трговски гиганти Конзум (во сопственост на Агрокор) и Меркатор да остане на исто ниво.
“Агрокор се уште ги нема доставено сите потребни документи за оцена на концентрацијата, а мерките кои досега ги предложи не ги отстрануваат сите негативни ефекти”, истакнува Младен Церовац, заменик претседател на АЗТН.
Церовац напоменува дека во некои делови од Хрватска, како на пример Загреб и Загрепската жупанија, со спојувањето на Конзум и Меркатор пазарната конкуренција се качува за 50% до 60%.
Во Агенцијата очекуваат нов предлог мерки за затворање, продажба или пренамена на дел од малопродажната мрежа на Конзум и Меркатор, за да се задржи концентрацијата на постоечкото ниво.