Донесени нови макропрудентни мерки за понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор

96

Советoт на Народната банка, на редовната седница одржана на 28 април 2023, во насока на понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор, донесе одлука за воведување макропрудентни мерки за квалитетот на кредитната побарувачка, согласно со европската практика. Согласно со Законот за финансиска стабилност којшто  стапи на сила минатата година, во декември 2022 година, Советот усвои одлука со која се воведоа макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка, односно прецизно се определи методологијата за пресметување на показателите преку кои се следи способноста на физичкото лице да ги отплаќа месечните обврски врз основа на кредити, како и соодносот помеѓу износот на кредит и вредноста на заложениот недвижен имот.

Со новововедените макропрудентни мерки се продолжува со јакнење на  макропрудентната рамка преку утврдување на максимални вредности за овие показатели на системска основа. Макропрудентните мерки се изготвени во консултации со Меѓународниот монетарен фонд, а се во линија со препораките на европските институции. Максималните вредности се утврдени врз основа на детална анализа на податоци обезбедени од страна на банките и штедилниците и не отстапува значајно од најчесто применуваната висина на овие показатели од нивна страна. Со преземените мерки превентивно се делува за спречување на кумулирање на системски ризици во сегментот на домакинствата и на пазарот на недвижности.

На истата седница беше усвоен и Годишниот извештај на Народната банка за 2022 година, во кој се наведува дека и покрај предизвиците кои ги наметна руската војна во Украина, минатата година беше задржана стабилноста на девизниот курс на денарот, кон крајот на годината започна да забавува инфлацијата, додека девизните резерви беа одржани на адекватно ниво. Во услови на стратегија на „де факто” фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото, имаше потреба од промени во монетарната политика заради стабилизирање на инфлациските очекувања и инфлацијата на среден рок, одржување на стабилноста на домашната валута, притоа имајќи ги предвид  и промените на монетарната политика на Европската централна банка. За таа цел, Народната банка уште од крајот на 2021 година започна со постепено нормализирање на монетарната политика, што беше направено преку соодветно управување со ликвидноста, како и со постепено зголемување на основната каматна стапка во неколку наврати, почнувајќи од април 2022 година. И покрај предизвиците при оперативното водење на политиките во услови на општа глобална неизвесност, Народната банка и во 2022 година посветено работеше и спроведе низа програмски активности, во насока на натамошно зајакнување на регулаторната рамка, осовременување на расположливиот сет на инструменти, зголемување на транспарентноста и општествената одговорност. Преземени се бројни активности за создавање предуслови за спроведување на новиот Закон за платежни услуги и платни системи (подготвени се и донесени 25 подзаконски акти), со што ќе се овозможи влез на нови даватели на платежни услуги, ќе се зголеми конкуренцијата, квантитетот и квалитетот на платежните услуги, а исто така и се зајакнува заштитата на потрошувачите. Народната банка започна со објавување нови статистички податоци за показателот должнички хартии од вредност исполнувајќи го највисокиот меѓународен статистички стандард СДДС плус, а исто така меѓу податоците и показателите за банкарскиот систем, почна да објавува и квартални податоци за  кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва. На иницијатива на Народната банка, а заради создавање услови за поддршка на развојот на финтек-секторот, финансиските регулатори склучија Меморандум за соработка со кој се поставува систем преку кој регулаторите координирано ќе дејствуваат (Комитет за финтек), во однос на  спроведувањето на националната Стратегија за финтек-секторот, која беше подготвена од Народната банка и усвоена од Комитетот за финтек. Централната банка продолжи и со засилени активности во доменот на финансиската едукација со што придонесува за подигањето на финансиската писменост и финансиската инклузија на населението во нашата земја.

Советот на Народната банка го усвои и Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор во 2022 година. Во него се наведува дека и покрај неизвесното макроекономско окружување, предизвикано од глобални фактори, а пропратено со енергетска криза, раст на инфлацијата и затегнување на финансиските услови, банкарскиот систем продолжи со непречено вршење на финансиското посредување. Во 2022 година, банките обезбедија највисок годишен кредитен раст во последните десетина години, што се должи на корпоративниот сектор, а  кредитите на домаќинствата остварија поумерен раст. На страна на изворите на средства, депозитите од нефинансиските субјекти бележеа променливи движења во текот на 2022 година, што резултираше со побавен годишен раст во споредба со претходната година. Носител на депозитниот раст во 2022 година беа депозитите од домаќинства, но и депозитите од претпријатија бележат раст. Склоноста на депонентите за чување на своите средства во девизи беше повисока, но со мерките кои ги презеде Народната банка со задолжителната резерва, се поттикна повисок раст на депозитите во денари во последните месеци од 2022 година, што се очекува да продолжи и во иднина.

Изложноста банкарскиот систем на ризиците е умерена, а спроведеното стрес-тестирање покажува задоволителна отпорност на банкарскиот систем на симулираните шокови. Ликвидноста на банкарскиот систем е на задоволително ниво, а солвентноста се подобри во 2022 година, при што стапката на адекватност на капиталот достигна највисоко ниво за последните десетина години, од 17,7%. Соодветната капитализираност на банките е многу значајна за справување со различни предизвици при надолните фази од економските циклуси и во кризни услови. Квалитетот на кредитното портфолио се подобри со оглед на намалувањето на вкупните нефункционални кредити и на нивното учество во вкупните кредити до историски најниското ниво од 2,9%. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити се намали и кај двата сектора, и изнесува 3,9%, во портфолиото на корпоративни кредити и 1,9%, во кредитното портфолио составено од домаќинства. Сепак со оглед на неизвесното окружување, неопходно е натамошно прудентно однесување.