На улица Македонија од денеска па се до сабота ќе се одржи деветото издание на Денови на македонскиот мед, на кое своите производи ќе ги претстават производители од цела Македонија.
Посетителите ќе можат да дегустираат и да купат пчелни производи кои ќе бидат поставени на 30 штандови.
“Не залудно е речено дека медот е храна на боговите. Ми причинува особено задоволство да ја отворам оваа манифестација која треба да ја одржи традицијата за презентирање на пчелните производи. Разгледајте ги штандовите, вкусете од прекрасниот мед и сите дома понесете од овој корисен производ”, им порача на посетителите градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.
Заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски посочи дека ќе ги поддржуваат пчеларите, а од нив бараат квалитетен мед. Во 2006 година имало 57.000 пчелни семејства, а денеска 108.000.
Организатори на манифестацијата се здружението Матица и Федерацијата на фармери на Република Македонија, а покровител е Општина Центар.