Шеф на технолошка компанија им порача на работниците дека нема да бидат отпуштени поради вештачка интелигенција

82

Во изминативе повеќе од половина година една од работите што го карактеризираа технолошкиот сектор беа отпуштањата, а бројни мали, но и некои од најголемите ИТ компании отпуштија голем број свои вработени. Причината за тоа лежи во комбинацијата на различни фактори, од кои некои имаат корени уште од пандемијата. Една од идните причини поради која многумина би можеле да останат без работа е – вештачката интелигенција.

Долго време се зборуваше за тоа како вештачката интелигенција би можела да ги преземе работните места на луѓето, а само со текот на времето ќе дознаеме како вештачката интелигенција ќе влијае на пазарот на трудот. Промени секако ќе има и може да очекуваме да бидат радикални, иако некои експерти нагласуваат дека вештачката интелигенција нема толку да ги замени луѓето, туку ќе биде неопходна алатка за бизнисот што ќе ни помогне да бидеме побрзи и поефикасни.

Сепак, јасно е дека, како и во претходните револуции што се појавија по некои големи откритија или примена на нови технологии и начини на работа, некои луѓе ќе останат без работа. Според некои предвидувања, како на пример експерти од Голдман Сакс, само во Европа дури четвртина од работните места се изложени на ризик на долг рок поради вештачката интелигенција.

На многумина сигурно не им е удобно да слушаат такви информации, но затоа барем една технолошка компанија не треба да се грижи за отпуштања поради вештачка интелигенција, барем не во блиска иднина. Нитин Камат, извршен директор на онлајн брокерската компанија Zerodha, чија пазарна вредност се проценува на околу 2 милијарди долари, им рекол на своите вработени дека не треба да се плашат дека ќе бидат заменети со вештачка интелигенција.

Нема да отпуштиме никого од тимот само затоа што имплементиравме ново парче технологија што го направи вишок постоечка работа, ја објасни на Твитер новата внатрешна политика на неговата компанија поврзана со вештачката интелигенција и вознемиреноста поради потенцијалното губење на работното место што се провлекува кај вработените во се поголем број на компании.

Камат вели дека пред 2 години не пронашле ниту еден корисен начин за користење на вештачката интелигенција во нивниот бизнис, но од тогаш работите многу се промениле. Со неодамнешните големи достигнувања, мислиме дека конечно вештачката интелигенција ќе преземе работни места и ќе создаде нарушување во општеството, напиша тој на Твитер. Тој додаде дека многу компании ќе отпуштат вработени и за тоа ќе ја обвинат вештачката интелигенција, а во тој процес компаниите ќе заработат повеќе пари, а со тоа ќе го зголемат богатството на нивните акционери, што само ќе ја влоши нееднаквоста во богатството, што не е добар исход за човештвото.

Ќе бидат потребни неколку години пред да видиме какво ќе биде вистинското влијание на вештачката интелигенција врз човештвото, а поради оваа ситуација и непредвидливата иднина, Камат вели дека компаниите треба да им дадат време на своите вработени да се прилагодат на новата реалност, рече Камат во долг пост распространет на неколку твитови.