Грција нема богати луѓе, ама само „на хартија“

Грција „на хартија“ нема богаташи. Имено, само 27.000 граѓани пријавуваат приходи над 100.000 евра, додека четворица од 10 живеат со 5.000 евра годишно, пишува Катимерини и наведува дека клучно е да се откријат и правилно да се евидентираат приходите, имотот и добивката, така што даночната политика може да се дизајнира поправедно.
Помалку од 15.000 сопственици имаат личен недвижен имот вреден повеќе од еден милион евра, додека помалку од 70.000 штедачи имаат депозити во банките од по 100.000 евра. Од вкупно 300.000 правни субјекти кои работат во земјата – само 10.000 од нив пријавуваат даночна добивка поголема од 150.000 евра.

За разлика од нив, 235.000 правни лица или приближно осум од 10 компании имаат или загуби или добивки помали од 10.000 евра годишно. Во областа на недвижностите, двајца од тројца сопственици (повеќе од 4,7 милиони луѓе) имаат личен имот кој не надминува 60.000 евра, додека околу 650.000 сопственици имаат имот чија вредност не надминува 80.000 евра.

Во просек, тројца од четворица сопственици имаат данок од неколку десетици или неколку стотици евра. Околу 1,7 милиони сопственици плаќаат даноци до 100 евра, околу 3,2 милиони плаќаат од 101 до 500 евра, а 1,4 милиони сопственици плаќаат од 501 до 5.000 евра.

Како што пишува Катимерини, околу 35.000 физички лица плаќаат 5.000 евра и повеќе, додека бројот на оние кои плаќаат данок од над 500.000 евра не надминува 500. Порталот додава дека во Грција има само 15.000 луѓе кои имаат имот повисок од еден милион евра.