Бесплатниот гас ја намали инфлацијата во Турција

Годишната стапка на инфлација во Турција падна на најниско ниво од крајот на 2021 година, откако владата им даде бесплатен природен гас на потрошувачите во мај кога се одржаа претседателските избори на кои повторно победи Реџеп Таип Ердоган.

Потрошувачките цени се зголемија за 39,6 отсто на годишно ниво во мај, што е најбавно годишно темпо од декември 2021 година и намалување од 43,7 отсто во април. Турскиот статистички институт минатата недела објави дека ќе го користи методот на „нулта цена“ за мај при пресметувањето на индексот на потрошувачките цени (CPI), пренесува Ројтерс.

Владата пред претседателските избори вети дека ќе обезбеди бесплатен гас во мај и бесплатни 25 кубни метри гас месечно за следната година. Се проценува дека овој потег ќе ја чини владата околу 1,89 милијарди долари.