
Финалето на Лигата на шампионите му донесе светски рекорд на аеродромот во Истанбул
Аеродромот во Истанбул го собори светскиот рекорд за воздушен сообраќај во саботата со 1.594 полетувања и слетувања, благодарение на финалето на Лигата на шампионите на УЕФА што се одржа во тој град, пишува турски Дејли Сабах повикувајќи се на податоци од Генералниот директорат за цивилно воздухопловство на Турција.
Се вели дека дополнителните редовни и чартер летови одиграле важна улога во поставувањето на овој рекорд.
Навивачите на финалистите Интер и Манчестер Сити дојдоа со авион и направија метеж на аеродромот.
И додека навивачите продолжија да пристигнуваат со редовни летови, на аеродромот во Истанбул слетаа и многу вонредни летови од Италија и Велика Британија.
Приватни авиони превезуваа и патници од различни земји во Истанбул.
Манчестер Сити во саботата испиша историја бидејќи ја обезбеди долгоочекуваната титула во Лигата на шампионите на УЕФА, откако го совлада Интер со 1-0 во Истанбул.











