Турција продолжува да се бори против инфлацијата: Минималната плата зголемена за 34 отсто

Турција од 1 јули ќе ја зголеми минималната плата за 34 отсто, што е второ зголемување годинава во обид да го заштити населението од ефектите на високата инфлација.

Како што рече министерот за труд и социјална сигурност Ведат Ишихан, платата ќе се зголеми на 11.402 лири или нешто повеќе од 440 евра.

„Комисијата за проценка на минималната плата ја заврши својата работа со договор меѓу работниците и работодавачите“, рече Ишихан.

Тој најави продолжување на даночните олеснувања за работодавачите.

Инфлацијата достигна највисоко ниво во последните 24 години од 85,5 отсто во Турција во октомври, што ја натера Анкара да ја зголеми минималната плата во јануари оваа година на 8.500 лири, или 330 евра. Годишната инфлација оттогаш се намали и во мај падна на 39,6 отсто.