Мерцедес нуди „турбо бонуси“ – отпремнини од повеќе од 400.000 евра за инженерите

Германскиот производител на автомобили „Мерцедес-Бенц“ започнува нова програма за доброволно заминување на вработените од секторот за администрација и развој, нудејќи им на поединечните работници отпремнини од неколку стотици илјади евра, а инженерите би можеле да добијат повеќе од 400.000 евра, објави  „Шпигел“.

Според податоците од интерната комуникација на компанијата, програмата ќе започне во декември и ќе трае десет месеци, до 30 септември 2027 година, а понудата ќе биде испратена до повеќе од 30.000 вработени.

Програмата вклучува административни работници, менаџери, раководители на тимови и секторски менаџери, а за прв пат ќе им биде понудена и на менаџери од повисоко ниво.

Условот е вработените да имаат најмалку три години стаж во компанијата до 1 декември.

Во текот на 2025 година, „Мерцедес“ издвои 1,6 милијарди евра за отпремнина, додека во првите девет месеци од оваа година потроши 405 милиони евра за овие цели. Раководството на компанијата очекува дека трошоците за програмата во следните две години ќе бидат компензирани преку намалување на трошоците за вработените.

За време на претходната програма, која траеше од април 2025 до март 2026 година, околу 5.500 работници ја напуштија компанијата.

Финансискиот директор на „Мерцедес“, Харалд Вилхелм, оцени дека новата програма е привлечна и социјално праведна, но не наведе конкретна цел во врска со бројот на вработени кои треба да ја напуштат компанијата, според германскиот весник.

„Мерцедес“ го намалува и бројот на вработени во производството. Програмите за доброволно отпуштање се спроведуваат секоја есен во фабриките за компоненти во Штутгарт-Унтертиркхајм и Берлин со години. Весникот пресметува дека 50-годишниот раководител на смена таму заработува околу 300.000 евра.