Volkswagen продолжува да работи во Русија под името AGR

Volkswagen Group Русија објави промена на името во AGR Automotive Group. По преименувањето, компанијата ќе продолжи да работи на рускиот пазар и ќе се ребрендира во целост, соопштија од компанијата, пренесува ТАСС.

Промената на името е првиот чекор во трансформацијата и рестартирањето на бизнисот по предавањето на имотот на новиот сопственик, соопштуваат од компанијата.

Во мај оваа година, познатиот германски производител на автомобили ја заврши продажбата на своите руски средства на локален инвеститор.

Ребрендирањето ќе влијае на корпоративниот идентитет на компанијата, визуелната идентификација, како и на дилерската мрежа на компанијата, која моментално вклучува повеќе од 400 компании. АGR ќе продолжи да продава автомобили и резервни делови, објави компанијата.

AGR исто така наведува дека професионалниот тим на Volkswagen со долгогодишно искуство во автомобилскиот бизнис ќе продолжи да работи за да им обезбеди на клиентите на компанијата пристап до најшироката можна палета на модели и квалитетна услуга.