
Стравувањата дека британската економија оди кон рецесија се зголемија откако Банката на Англија ги зголеми трошоците за задолжување за повеќе од очекуваното во обид да се справи со високата инфлација.
Банката на Англија соопшти дека нејзиниот деветчлен Комитет за монетарна политика одлучил да ја зголеми својата главна каматна стапка за половина процентен поен на новото 15-годишно ниво од пет проценти.
Големината на 13-тото по ред зголемување на каматните стапки беше изненадување, бидејќи повеќето економисти очекуваа помал пораст, само четвртина од поен. Некои дури и го нарекоа потег на паника со оглед на тоа што дури минатиот месец имаше надежи дека банката ќе го паузира циклусот на зголемување на каматните стапки, пренесува агенцијата Бета, повикувајќи се на АП.
Јасно е дека банката е исплашена од инфлацијата која не успеа да се намали толку брзо како што беше предвидено од октомврискиот врв од 11,1 отсто. Најновите бројки покажуваат дека инфлацијата во ОК неочекувано се задржа на 8,7 отсто, пренесува Балкан Алџезеира.











