Туризмот во Грција ги собори сите рекорди

106

Светскиот совет за патувања објави дека туристичкиот сектор во Грција ќе се приближи до нивото пред пандемијата оваа година. Очекувано, од туризмот во буџетот треба да се слеат 39,2 милијарди евра, а само годинава ќе се отворат 17.000 работни места, што е повеќе од 2019 година.

Исто така, интересно е да се забележи дека туристичкиот сектор обнови 82 отсто од работните места што беа изгубени за време на пандемијата.

Инаку, податоците од европската статистика на Статиста покажуваат дека лани и покрај значителниот годишен раст, бројот на пристигнувања на патници во Грција бил под нивото пред пандемијата и изнесувал околу 30 милиони гости. Извештајот на Светскиот совет за патувања покажува дека во 2022 година е зголемена и потрошувачката на странски гости, што придонело за националниот буџет со 19,1 милијарди евра, што е годишен раст од над 56 отсто.

Грција и годинава е една од најпопуларните дестинации во Европа, а доколку продолжи овој тренд, туризмот на земјата до 2033 година треба да го зголеми учеството во БДП на 57 милијарди евра.

Инаку, охрабрувачки се и прогнозите за вработување, па се наведува дека во наредната деценија туристичкиот сектор треба да вработи повеќе од милион луѓе низ Грција. Се очекува туристичкиот сектор целосно да закрепне до крајот на следната година, пренесува Политика.рс.

Гледано од гледна точка на туристите, оваа сезона во најпопуларната европска дестинација цените се повисоки од лани. Цените за сместување во хотели во просек се 53 евра, хотелите со три ѕвезди чинат 74, а хотелите со пет ѕвезди чинат и до 300 евра од ноќ. Статистиката покажува дека автобускиот превоз чини 1,20 евра, изнајмувањето автомобил чини 123 евра дневно за стандардни автомобили и повеќе од 200 евра за луксузни автомобили. Возењето со такси е едно евро по километар, а за еден час чекање наплаќаат 12 евра. Просечен ручек во ресторан чини околу педесет евра за двајца, а оброците во поевтините ресторани се од шест до 20 евра.