
Норвешката влада во средата одобри 19 проекти за нафта и гас со вкупна инвестиција вредна повеќе од 200 милијарди круни (17 милијарди евра), во одлука што предизвика бес кај еколошките здруженија.
„Реализацијата на тие проекти гарантира работни места… и обезбедува основа за продолжување на технолошкиот развој кој ќе биде одлучувачки за развој на други активности како складирање на јаглерод диоксид, водород, енергија на ветер во морето, морска и минерална експлоатација“, изјави министерот за нафтена енергија Терје Асланд, пренесе Бета.
Тој посочи и дека проектите се исто така важен придонес за енергетската безбедност на Европа.
Норвешка, како значаен производител на нафта и гас, минатата година стана првиот снабдувач на природен гас во Европа наместо Русија, чии испораки беа намалени поради војната во Украина.
Најголем дел од проектите ги спроведуваат норвешките групи Equinor и Aker BP, германската Wintershall Dea и австриската OMV.











